Чеферин: Македонија пак ќе игра на ЕП - со Омерагиќ фудбалот ви е во сигурни раце!
Тој деновиве престојуваше во Скопје на покана на Омерагиќ за да го проследи натпреварот меѓу Македонија и Словенија од Лигата на нации, а посетата беше збогатена и со одбележувањето на родендените на претседателите на двете федерации, Омерагиќ и Раденко Мијатовиќ. Првиот човек на европскиот фудбал испрати јасна порака за довербата во актуелното раководство на ФФМ, потенцирајќи дека процесот на подмладување на репрезентацијата бара трпение и континуирана работа.
„Луѓето постојано ги гледаат само резултатите на А репрезентацијата, но мора да разберат дека тоа е процес. Доаѓам од земја со приближно иста големина како Македонија и знам дека е потребно време за да се создаде вистинската генерација за вистински резултати. Македонската федерација се движи во вистинска насока. Колку што сум запознаен, ја подмладивте репрезентацијата и сметам дека јавноста треба да ви даде малку време. Македонија повторно ќе игра на Европско првенство“, порача Чеферин.
Тој упати и посебни пофалби за Масар Омерагиќ, опишувајќи го како остроумен лидер кој одлично ги разбира фудбалот и спортско-политичките односи, поради што е сигурен дека македонскиот фудбал е во добри раце. Говорејќи за европскиот модел на солидарност и инвестициите во инфраструктурата, Чеферин нагласи дека е потребна поголема поддршка од државните и локалните институции, додавајќи дека УЕФА ги третира сите членки подеднакво.
„Македонската федерација не е само обичен член на УЕФА, туку подеднакво валиден член како Англија, Германија, Франција или Италија. За солидарност издвојуваме над 240 милиони евра, наменети за клубовите кои не учествуваат во европските натпреварувања. Имаме огромен буџет, а дури 97 проценти од средствата се враќаат назад во фудбалот“, истакна Словенецот.
Чеферин потврди дека ќе продолжи да ја предводи УЕФА со поддршка од сите 55 национални федерации, со главен приоритет зачувување на солидарниот модел. За крај, во поопуштен тон, тој се осврна и на семејниот миленик Тито – шарпланинецот што го доби на подарок од Омерагиќ при претходната посета, шегувајќи се дека кучето е огромно и ништо не слуша, но дека неговото семејство повеќе не може да го замисли животот без него.
Целото интервју може да го прочитате и проследите ТУКА.