Лестер се откажа од спонзор поради конекција со руска порно-глумица!

Поранешниот англиски шампион Лестер Сити го раскина спонзорскиот договор со интернет-обложувалница и казино и тоа шест месеци пред завршувањето, откако раководството на клубот се одлучи на ваков радикален чекор по огромното незадоволство и притисок од страна на навивачите.

Главната причина за револтот кај приврзаниците на „лисиците“ беше контроверзната одлука на бетинг-компанијата за своја амбасадорка да ја ангажира руската порно-глумица Ева Елфи. Дополнителен проблем во целата ситуација претставуваше и фактот што спонзорот работел без соодветна лиценца. Од клубот соопштија дека разделбата е резултат на меѓусебни разговори.

„Одлуката е донесена по конструктивните разговори меѓу двете страни во изминатите денови, за време на кои препознавме дека во иднина имаме различни комерцијални приоритети. Им се заблагодаруваме за поддршката во текот на нашето двеиполгодишно партнерство“, стои во официјалното соопштение на Лестер Сити.

Клубот дополнително објави дека сите навивачи кои во последните 28 дена преку официјалните клупски канали купиле дрес со логото на споменатиот спонзор, ќе имаат право на целосен поврат на средствата или замена на производот.

Раскинувањето на оваа соработка во англиската јавност се толкува како обид на управата да го поправи сериозно нарушениот однос со навивачите, кој се поклопи со драстичниот пад на спортските резултати во последните години. Клубот, кој во 2016 година сензационално стана шампион на Англија, а потоа играше и четвртфинале во Лигата на шампионите, денес се натпреварува во третиот ранг на англискиот фудбал, откако испадна двапати во последните три сезони.