Ужас во Јужна Америка: Фудбалер со камен погоди судија и го испрати на операција!
Тешкиот инцидент се случи завчера на дуелот помеѓу екипите на Сиудад де Јанцаса и Рио Агварико, во рамките на натпреварувањето „Асенсо Сосијал“. Во шестата минута од судиското надополнување, Перласа од клупата за резервни играчи фрлил камен кон теренот и го погодил помошниот арбитар Џовани Нуњес. Судијата се здобил со тешки телесни повреди поради кои итно морал да биде опериран, а натпреварот веднаш бил прекинат.
Дисциплинската комисија реагираше без милост и му изрече на фудбалерот суспензија во траење од осум години, што значи дека тој нема да смее да настапува сè до 19 октомври 2034 година. Дополнително, од федерацијата најавија дека ќе побараат од ФИФА оваа казна да биде проширена и да важи на глобално ниво.
Покрај фудбалерот, со санкции се соочи и неговиот клуб, Сиудад де Јанцаса. Клубот ќе мора да плати парична казна од 2.000 долари, да ги надомести медицинските трошоци за лекувањето на повредениот судија во износ од 4.369 долари, а следните три домашни натпревари ќе мора да ги одигра надвор од својот стадион.