Испишуваше историја со Јувентус, а сега откри дека го одбил Арсенал
Гостувајќи во подкастот „Business of Sport“, поранешниот италијански репрезентативец раскажа дека Арсенал го контактирал кога имал само 16 години, а во преговорите лично бил вклучен и тогашниот шеф на младинската академија на „топчиите“, легендарниот Лијам Брејди.
Иако пред себе имал финансиски исклучително примамлива понуда, Кјелини тогаш решил да остане во Италија и да потпише договор за симболична сума, со цел неговиот матичен клуб да не остане без обесштетување.
„Не сакав да го напуштам мојот клуб без да добие обесштетување, бидејќи ако немате потпишано договор пред 16-годишна возраст, можете да заминете за многу мала сума. Потпишав договор со Ливорно за помалку од 1.000 евра годишно, бидејќи тоа беше мојот дом, таму пораснав и сметав дека нема смисла да заминам во тој момент“, објасни денес 42-годишниот Џорџо Кјелини.
Интересно е што поранешниот стопер денес има сосема поинаков став за ваквите одлуки. На прашањето каков совет би му дал на помлад роднина доколку се најде во слична ситуација, Кјелини без двоумење одговори дека би го советувал „100 проценти“ да ја прифати понудата на Арсенал.
Кјелини ја заврши фудбалската кариера во 2024 година, по дури 17 сезони поминати во дресот на Јувентус. Со торинскиот гигант освои девет последователни титули шампион на Италија (2012–2020) и се етаблираше како еден од најдобрите дефанзивци на својата генерација.