Капитенот повторно надвор од стројот: Мбапе ја пропушта Италија
Отсуството на напаѓачот на Реал Мадрид отвора и пошироко прашање за неговата достапност во репрезентативниот дрес. Мбапе и во претходниот циклус имаше ограничен придонес, откако во октомври одигра само еден од четирите натпревари на Франција. По настапот против Турција, на кој го постигна победничкиот гол, мораше да го напушти теренот поради повреда на левото колено, поради што ги пропушти следните три средби.
Сега повторно се појави здравствен проблем. Според информациите на француските и италијанските медиуми, Мбапе почувствувал болка во пределот на задната ложа, а Зидан одлучил да не ризикува со неговиот настап против Италија.
„Мбапе нема да биде во составот за утрешниот натпревар. Почувствува мала болка и нема да преземаме ризик. Се надевам дека ќе можеме да сметаме на него в недела“, порача францускиот селектор.
Франција во Милано ќе се соочи со Италија во петтото коло од групата А1. „Триколорите“ се лидери со 10 бода, пред Италија со седум и Белгија со шест, па евентуална победа би им донела сигурен пласман во четвртфиналето.
Мбапе сезонава има постигнато 17 голови во сите натпреварувања за Реал Мадрид, но неговите проблеми со повредите повторно го ставаат во втор план репрезентативниот ангажман. Франција се надева дека ќе биде подготвен за неделниот дуел со Турција, но конечната одлука ќе зависи од неговата состојба.