Американците подготвуваат мега-изненадување: Ако си оди Покетино, прва цел е - Гвардиола

Американската фудбалска федерација веќе размислува за можен наследник на Маурисио Покетино, а желбата е да направи вистински земјотрес во светскиот фудбал. Според информациите на тамошните медиуми, главна цел на Американците за нов селектор е Пеп Гвардиола!

Ваквиот развој на настаните е поврзан со сè посериозните најави дека Покетино би можел да го напушти селекторското место и да се пресели во Манчестер Јунајтед, каде што треба да го наследи Мајкл Керик.

Американските медиуми објавуваат дека Гвардиола се наоѓа највисоко на листата на желби на американската федерација и дека би бил главниот кандидат доколку аргентинскиот стратег замине. Оттаму се свесни дека евентуалното привлекување на шпанскиот стручњак ќе биде исклучително тешка задача. Сепак, подготвени се да ги искористат сите расположливи можности и да му понудат најдобри услови, со цел да го убедат да го преземе националниот тим. Засега, според објавените информации, официјален контакт со Гвардиола сè уште не е воспоставен.

Интересно е што ова не е првпат Американците да размислуваат за Гвардиола. Шпанецот и во минатото беше во комбинација за работа во репрезентативниот фудбал, а идејата да предводи национален тим, особено во САД, му била интересна.

Гвардиола летово ја заврши десетгодишната епизода на клупата на Манчестер Сити. Со англискиот клуб освои 20 големи трофеи, меѓу кои и Лигата на шампионите, шест титули во Премиер-лигата и историската тројна круна во сезоната 2022/23. По заминувањето од тренерската позиција, ја презеде улогата на глобален амбасадор на Сити Фудбал Груп.