Мбапе и Дембеле во отворена војна, Зидан мора да ја смирува ситуацијата!

Атмосферата во француската фудбалска репрезентација е сериозно нарушена, а во центарот на вниманието се двете најголеми ѕвезди на тимот – Килијан Мбапе и Усман Дембеле. Некогаш блиските пријатели сега речиси и да не комуницираат, а нивното заладено однесување почнало да се чувствува и во националниот тим.

Според информациите на угледниот француски весник Лекип, несогласувањата меѓу двајцата напаѓачи дополнително се продлабочиле по изјавите на Мбапе за неговиот поранешен клуб Пари Сен Жермен.

Капитенот на Франција, кој сега го носи дресот на Реал Мадрид, во едно свое обраќање оставил впечаток дека во последната сезона во Париз немало многу фудбалери кои можеле да се истакнат покрај него. Дополнително, посочил дека Дембеле станал вистински препознатлив дури по неговото заминување од ПСЖ. Овие зборови наводно сериозно го погодиле освојувачот на „Златната топка“ за 2025 година. Дембеле не го прифатил добро коментарот на поранешниот соиграч, а односите меѓу нив оттогаш се значително влошени.

Според француските медиуми, Дембеле дури престанал да одговара на пораките што Мбапе му ги испраќал преку WhatsApp. Напаѓачот на Реал Мадрид, пак, бил изненаден од ваквата реакција и сметал дека неговиот поранешен соиграч претерал. Проблемите не останале само на приватно ниво. Наводното несогласување почнало да влијае и врз атмосферата во репрезентативниот камп. Мбапе се обидел да воспостави поблиска комуникација со останатите соиграчи и членовите на стручниот штаб, но дел од присутните тоа го протолкувале како ненадеен и неискрен обид да ја поправи сопствената позиција во соблекувалната.

Дополнителен проблем претставува и отсуството на Маркус Турам, кој поради повреда не е дел од репрезентацијата. Според пишувањата од Франција, тој во минатото имал улога на посредник во односите меѓу двајцата напаѓачи. Дембеле во меѓувреме го напушти репрезентативниот собир за ноемвриските натпревари, но тоа не значи дека тензиите се намалиле. Напротив, очевидци тврдат дека надвор од камерите продолжиле и ироничните забелешки на сметка на Мбапе.