Гаштаров е меѓу најголемите адути на Риера: Македонскиот фудбалер втор по минутажата во Звезда

Матеј Гаштаров доживува вистинска фудбалска афирмација во Црвена звезда под водство на Алберт Риера. Младиот македонски фудбалер од играч кој беше надвор од  плановите на белградскиот клуб се промовираше во еден од најкористените членови на тимот, а бројките најдобро ја потврдуваат неговата важност.

Според статистиката, Гаштаров е втор на листата на фудбалери со најголема минутажа од доаѓањето на шпанскиот стратег. Пред него е само бразилскиот голман Матеус, кој има 1.380 минути на теренот, додека македонскиот репрезентативецот досега собрал 1.221 минута.

Ова е особено впечатливо ако се знае дека Гаштаров ја започна сезоната во длабока сенка, а со доаѓањето на Риера неговиот статус целосно се промени. Шпанскиот тренер очигледно препозна квалитети кои му одговараат на неговиот систем, па 20-годишниот фудбалер од средниот ред доби значително поголема доверба и се наметна како важен дел од составот. Зад Гаштаров на листата се Василије Костов со 1.070 минути и Тими Макс Елшник со 1.034. Во првите десет се наоѓаат и Стефан Гудељ, Јута Накајама, Раде Круниќ, Милош Вељковиќ, Томас Хандел и Бамба Диенг.

Особено интересен е податокот дека некои од најголемите имиња во тимот се далеку зад македонскиот фудбалер. Капитенот Мирко Иваниќ е на 15. позиција со 578 минути, Александар Катаи е 17. со 531, додека Марко Арнаутовиќ се наоѓа дури на 20. место со 504 минути.

Ријеа досега ја предводеше Црвена звезда на 18 натпревари, на кои забележа 14 победи, два нерешени резултати и два пораза. Неговите избори јасно покажуваат дека имињата и претходниот статус не се гаранција за место во тимот, туку предност добиваат фудбалерите кои најдобро ги исполнуваат неговите барања. За Гаштаров, пак, ова е големо признание и потврда дека се наоѓа на вистинскиот пат.