Петкратен олимписки шампион ќе се бори да стане претседател на Франција (ВИДЕО)

Француската спортска легенда Теди Ринер реши да направи неочекуван чекор и да влезе во политиката. Петкратниот олимписки шампион официјално ја објави својата кандидатура за претседателските избори во Франција во 2027 година.

Својата кандидатура тој официјално ја потврди преку социјалните мрежи.

„Се викам Теди Ринер и денес, гледајќи ве директно во очи, ја објавувам мојата кандидатура за претседателските избори во 2027 година“, порача 37-годишниот џудист, кој има потекло од Гвадалупе.

Ринер, кој сè уште е активен во џудото, во своето обраќање направи паралела меѓу спортската кариера и политиката, испраќајќи порака дека никогаш не бегал од големите предизвици.

„Борбата отсекогаш била дел од мене. Знам што значи да се бориш, да паднеш и повторно да станеш. Знам и што ќе кажат луѓето: дека сум луд, дека не сум дел од естаблишментот и дека никогаш не сум се занимавал со политика. Но, ако одбивањето да ја наведнам главата и неприфаќањето на хаосот ме прават луд, тогаш да, целосно сум луд. Нема да бидам еден од оние кои ќе гледаат како земјата гори и ќе бараат изговори“, порача еден од најуспешните џудисти во историјата, со 11 светски титули зад своето име.

Инаку, на Олимписките игри во Париз во 2024 година, Ринер испиша историја, станувајќи првиот џудист кој освоил три олимписки злата во тешка категорија.