Алисон ги израдува во Ливерпул: Сакам да потпишам нов договор!
На „Енфилд“ ова лето беа потпишани неколку нови договори, а сега и бразилскиот чувар на мрежата ја изрази желбата да остане во клубот. Пред него, истата намера ја соопшти и Алексис Мекалистер.
„Да, сакам да останам. Размислувам за тоа. Во моментов сум фокусиран на секој натпревар и би бил многу среќен доколку продолжам да го носам дресот на Ливерпул“, изјави Алисон.
Бразилецот пристигна на „Енфилд“ во 2018 година и уште во првата сезона имаше значајна улога во освојувањето на Лигата на шампионите. Во меѓувреме, со Ливерпул освои и две титули во Премиер-лигата, со што се наметна како една од најважните фигури во поновата историја на клубот.
Сепак, неговото продолжување на договорот сè уште не е сигурно, бидејќи конечната одлука ќе зависи од повеќе фактори.
„Тоа зависи од многу работи, но мојата желба е да останам. Среќен сум тука, како и моето семејство. Сè уште имам огромна желба да освојувам трофеи и титули, како и да бранам на највисоко ниво“, порача бразилскиот голман.