Соиграч на Димитриевски полуде на полувреме од дуелот со Реал: Ова е ср*ње, судијата суди без врска (ВИДЕО)

Пабло Мафео беше фудбалерот на Валенсија избран да даде изјава на полувремето, но дефанзивецот, видно фрустриран од случувањата на теренот, го изрази своето незадоволство од играта, судењето, но и од самото интервју.

Иако тој беше еден од погрубите на теренот и неколкупати влезе во конфликт со противничките фудбалери, Мафео смета дека судијата немал изедначен критериум.

„Навистина не ми се дава ова интервју, ова е ср*ње, изјавава е џабе... Судат прекршоци што не постоеја. Завршувам со оваа изјава, тоа е тоа, прашајте што сакате“, одговори Мафео кога новинарот го праша што ѝ недостасувало на Валенсија во првото полувреме.

Новинарот го повтори прашањето, а Мафео одговори:

„Судијата е без врска, а само треба да биде поправеден, тоа е сè. Немаше прекршок при првиот гол, а тоа влијае врз нас. Секако, треба да влегуваме во шеснаесетникот и да ја подобриме нашата игра, тоа е сè. Мислам дека тимот се натпреварува добро и толку“.

Мафео беше особено револтиран од прекршокот врз Мбапе, по кој Реал Мадрид го постигна првиот гол. Десниот бек го собори Французинот, судијата досуди прекршок и му покажа жолт картон. Навивачите на Местаља, како и самиот фудбалер на Валенсија, бурно протестираа, а од слободниот удар што го изведе Мбапе произлезе голот на мадридскиот тим. Валверде ја искористи одбиената топка од живиот ѕид и ја смести во мрежата.