Реал му најде работа на Винисиус додека е суспендиран
Напаѓачот ја отслужува суспензијата од четири натпревари, која му беше изречена по црвениот картон и бурните реакции кон судијата за време на дуелот со Виљареал на 10 октомври. Токму натпреварот против Валенсија ќе биде последен од казната, по што повторно ќе може да му се стави на располагање на тренерот на Реал.
Наместо да остане во Мадрид, Винисиус отпатува речиси 6.000 километри, каде што снима рекламни материјали за промоција на туризмот во Дубаи. Станува збор за дел од договорот меѓу Реал Мадрид и локалните партнери, кој беше потпишан во 2023 година. Соработката опфаќа и промоција на тематскиот забавен парк „Реал Мадрид Ворлд“, кој се наоѓа во комплексот „Дубаи Паркс енд Ризортс“. Емиратот е важен дел од комерцијалната мрежа на шпанскиот гигант, а таму е сместено и седиштето на авиокомпанијата „Флај Емирати“, еден од најголемите спонзори на клубот.
Партнерството со авиокомпанијата започна во 2013 година, кога нејзиното лого се појави на дресовите на Реал. Oвој договор на мадридскиот клуб му носи околу 100 милиони евра годишно.
По завршувањето на промотивните обврски во Дубаи, Винисиус директно ќе се приклучи на репрезентацијата на Бразил. „Кариоките“ ги очекуваат пријателски натпревари против Јапонија на 14 ноември и Сингапур три дена подоцна.
Интересно е што отсуството на Бразилецот може да биде и олеснување за Реал во дуелот со Валенсија. Односите меѓу Винисиус и навивачите на овој клуб се исклучително напнати по повеќекратните обвинувања за расистички навреди на „Местаља“. Бразилецот дури двапати доби црвен картон на последните три гостувања на овој стадион.