За најдобриот светски фудбалер - најскапиот договор во историјата на Баерн

Хари Кејн и Баерн Минхен ја продолжуваат успешната заедничка приказна. Англискиот голгетер стави потпис на нов договор со германскиот гигант, со кој се обврза на верност до летото 2029 година.

Баерн ја потврди продолжената соработка, со што стави крај на шпекулациите за иднината на својот најдобар напаѓач. Според информациите на германските и англиските медиуми, Кејн добил најголем договор во историјата на клубот, а неговата годишна заработка ќе ја надмине сумата од 30 милиони евра по сезона.

Англискиот капитен пристигна во Минхен во летото 2023 година од Тотенхем, во трансфер вреден околу 95 милиони евра. Оттогаш стана централна фигура во нападот на Баварците и еден од најефикасните фудбалери во Европа. Неговите бројки се импресивни – на 161 натпревар за Баерн постигна 156 гола и забележа 41 асистенција. Со германскиот клуб освои две титули во Бундеслигата, Купот на Германија и два Суперкупа.

Продолжувањето на договорот е јасен сигнал дека Баерн сака и во следните години да го гради својот проект околу англискиот голгетер. За Кејн, пак, Минхен останува местото каде што ќе се обиде да ги продолжи рекордите и да стигне до нови европски успеси.