Виновникот за смртта на фудбалерот на Тенерифе реши предвреме да се пензионира!

Голманот на шпанскиот второлигаш Андора, Хесус Овоно, донел шокантна одлука за итно завршување на својата професионална фудбалска кариера по трагичната смрт на напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој почина како последица на нивниот меѓусебен судир на теренот.

Случајот доби и сериозна правна димензија откако полицијата отвори официјална истрага против голманот, на кого според пишувањата на шпанските медиуми му се заканува и затворска казна во времетраење од четири години доколку биде прогласен за виновен за инцидентот. Кобниот настан се случи во понеделникот, во самиот финиш од натпреварот во шпанската Сегунда помеѓу екипите на Тенерифе и Андора. При еден силен дуел, Овоно со колено го удри Де Мигел директно во градите, по што напаѓачот веднаш се сруши на тревникот. Од силината на ударот фудбалерот доживеал срцев удар, што ги принудило лекарите да го реанимираат директно на теренот, а следното утро им подлегнал на повредите.

По инцидентот, голманот Овоно се најде под жесток удар на јавноста и навивачите кои од трибините му скандираа „убиец“, по што тој веднаш ги деактивираше сите свои профили на социјалните мрежи поради лавината навреди. Според извори од клубот, тој по натпреварот неутешно плачел во соблекувалната и се молел Де Мигел да преживее. Потполно скршен од трагедијата и притисокот, голманот на Андора веќе им соопштил на своите соиграчи дека дефинитивно се повлекува од фудбалот, нагласувајќи дека оваа одлука е конечна без оглед на тоа каков ќе биде исходот од полициската истрага која се води за смртта на неговиот колега.