Бруно Фернандеш лут на новинарите: Не го спасувавме Керик, ни требаше оваа победа
На прашањето дали триумфот бил важен за да се спаси работното место на Кeрик, Португалецот даде искрен одговор, нагласувајќи дека победата не била наменета за спасување на ничија позиција, туку дека била неопходна за целиот клуб.
„Не, не... Не мораме да спасуваме ничија работа. На клубот му беше потребна оваа победа, на играчите исто така. Работиме навистина напорно за да излеземе од оваа ситуација“, изјави Фернандеш.
Капитенот потоа се осврна и на шпекулациите за наводен конфликт меѓу него и тренерот, потенцирајќи дека голем дел од информациите објавени во медиумите не биле точни.
„Беше тешко бидејќи имаше многу шпекулации и лаги во медиумите за односот меѓу менаџерот и мене, дека сме го решиле конфликтот и слични работи. Ништо од тоа не се случи“, откри Португалецот.
Фернандеш објасни и дека одлуката на Кeрик да го остави на клупата на еден натпревар ја прифатил без приговор. Според него, тренерот имал целосно право да донесе таква одлука доколку сметал дека неговата форма не била на потребното ниво.
„Тренерот одлучи да ме остави на клупата бидејќи сметаше дека не сум на своето ниво и тоа е сосема фер. Сите го протолкуваа тоа како казна за зборовите што ги кажав, но дури и да било така, тренерот беше во право. Тој ги носи одлуките и јас го прифаќам тоа“, порача капитенот.
На крајот, Бруно испрати јасна порака дека личните несогласувања и медиумските шпекулации не смеат да бидат поважни од резултатите на тимот.
„Тоа не го менува фактот дека стручниот штаб, сите играчи во овој клуб и јас сакаме победа на секој е\*ен натпревар. Оваа победа треба да биде пресвртница за овој тим“, заклучи Фернандеш.
Изјавата на капитенот доаѓа во период кога Манчестер јунајтед се обидува да ја стабилизира формата и да ја врати позитивната атмосфера, а неговите зборови покажуваат дека во соблекувалната најважно останува заедничката цел – враќање на победничките резултати.