Пелистер продолжува со победите, Работнички сигурен против Беласица!

Пелистер не дозволува лидерот Охрид да му избега и продолжува да врши притисок на врвот во Втората македонска фудбалска лига. Битолчани одиграа уште еден ефикасен натпревар, совладувајќи го Детонит Плачковица со убедливи 6-1 на домашен терен.

За „зелено-белите“ ова беше седма победа во досегашниот тек од сезоната, на која имаат додадено и три нерешени средби. Од друга страна, гостите го запишаа петтиот првенствен пораз.

Пелистер уште во првото полувреме го најави убедливиот исход. Мартин Мирчевски ја отвори серијата погодоци, а младиот Јаков Пресилски потоа го постигна својот првенец и ја зголеми предноста на 2-0 пред заминувањето на одмор. Во вториот дел домашниот тим не ја намали офанзивната иницијатива, туку продолжи да ја полни мрежата на противникот. Во листата на стрелците се запишаа Ивановски, Христов, Стојанов и Тасев, за конечни 6-1 и нови три бода за битолчани.

До победа стигна и Работнички, кој во Дебар Маало беше подобар од Беласица со 3-1. Домаќините голем дел од работата завршија уште пред паузата, кога Богданоски двапати ја погоди противничката мрежа. Во второто полувреме Стефановски го постигна третиот гол за „романтичарите“ и го потврди триумфот.

Успешен настап имаше и Камјани, кој со идентични 3-1 го совлада Тетекс. Со освоените три бода, Камјани се доближи на само еден бод до Брера, која се наоѓа на четвртото место на табелата.