Има надеж за Мбапе - и Роналдо дојде до Златната топка без освоен трофеј
Хари Кејн, Ламин Јамал и Килијан Мбапе се меѓу главните кандидати за наградата. Додека Кејн и Јамал можат да се повикаат и на успесите на своите екипи, Мбапе зад себе има извонредна индивидуална сезона, но без освоен пехар со Реал Мадрид.
Францускиот напаѓач постигна 10 гола на Светското првенство, а сезоната во дресот на Реал ја заврши со 42 погодоци на 44 натпревари. Беше најдобар стрелец во Ла Лига и во Лигата на шампионите, но мадридскиот клуб остана без трофеј. Сепак, историјата покажува дека отсуството на освоени титули не мора да биде пречка за освојување на „Златната топка“. Досега шест фудбалери го направиле тоа.
Првиот таков случај датира од 1956 година, кога признанието му припаднало на Стенли Метјуз. Легендарниот Англичанец ја освоил првата „Златна топка“ во историјата на 41-годишна возраст, иако не се закити со трофеј со Блекпул. Во 1964 година, Денис Ло бил награден за извонредните настапи во дресот на Манчестер Јунајтед. Иако клубот немаше трофејна сезона, Шкотланѓанецот постигнал дури 46 гола во сите натпреварувања.
Шест години подоцна, во 1970 година, признанието го доби Герд Милер. Баерн Минхен не ја освои титулата во Бундеслигата, но германскиот голгетер блескаше со 38 првенствени погодоци, како и со 10 гола на Светското првенство во Мексико. Во 1978 година, Кевин Киген ја освои „Златната топка“ и покрај тоа што неговиот Хамбургер заврши на десеттото место во германското првенство. Англичанецот остави силен впечаток со своите индивидуални настапи и ја доби довербата на новинарите што гласаа за наградата.
Потоа следуваше Луис Фиго во 2000 година. Португалецот немаше освоено трофеј со Барселона или со Реал Мадрид во разгледуваниот период, но блескаше на Европското првенство, каде што ја предводеше Португалија до полуфиналето. Последниот пример е Кристијано Роналдо, кој ја освои „Златната топка“ во 2013 година. Реал Мадрид остана без титулите во шпанското првенство и Купот на кралот, додека Роналдо имаше фантастична календарска година со 69 голови. Дополнително, со хет-трикот против Шведска во баражот ѝ помогна на Португалија да се пласира на Светското првенство во Бразил.
Овие шест случаи покажуваат дека индивидуалниот квалитет, статистиката и влијанието врз играта можат да бидат пресудни дури и кога изостануваат клупските трофеи. Мбапе сега се надева дека ќе стане седмиот фудбалер на оваа листа.