Вонземјанин во Мајами: Меси со два гола си поигра со Атланта и испиша историја во МЛС (ВИДЕО)
Со овој настап, 39-годишниот „Бог на фудбалот“ испиша нова страница во историјата на американскиот фудбал, станувајќи првиот кој во три сезони по ред забележал најмалку 15 асистенции. Меси сезонава има учинок од 23 погодоци и 15 асистенции, а на овој меч прво учествуваше во акцијата при водечкиот гол кој го постигна Бертераме во 45. минута. Во второто полувреме, Аргентинецот целосно ја презеде контролата на теренот. Во 56. минута, откако се ослободи од неколку противнички играчи во казнениот простор, со прецизен удар со левата нога ја затресе мрежата, за само четири минути подоцна со нов погодок да ја круниса својата брилијантна игра. Со овие голови, тој дополнително го зацврсти првото место на листата на стрелци и го продолжи походот кон своето трето последователно признание за најкорисен играч во лигата (МВП).
За Интер Мајами ова е трета победа во низа со вкупна гол-разлика од 9-1, со што се зацврсти на второто место во Источната конференција со 55 освоени бодови. Актуелниот шампион веќе обезбеди пласман во плеј-офот, а сега атакува да стане првиот клуб по Лос Анџелес Галакси во 2011 и 2012 година кој освоил две титули по ред во МЛС купот.
Тренерот на Интер Мајами, Кристијан Гонзалес, не го криеше своето воодушевување од настапот на својот најдобар фудбалер.
„Не можам да поверувам дека овој човек со 39 години го прави сето она што го прави. Најмногу ме радува тоа што е среќен. Кога е среќен, игра на начинот на кој што игра и ужива во фудбалот. За мене Меси е вонземјанин. Ме одушевува со секој потег и на секој тренинг. Се надевам дека ќе продолжи да нè зачудува сè до денот кога ќе одлучи да ја заврши кариерата“, изјави Гонзалес.