Нова магична асистенција на Јокиќ - повторно од зад грб (ВИДЕО)

Никола Јокиќ продолжува да ја воодушевува кошаркарската јавност со својата неверојатна визија и креативност. Српскиот центар повторно беше во центарот на вниманието, откако со фантастично додавање зад грб ја крена публиката на нозе и предизвика реакции низ НБА-лигата.

Денвер нагетс славеше убедлива победа над Лос Анџелес лејкерс со 121-106 во последниот тест пред почетокот на новата сезона. Јокиќ одигра одличен натпревар, кој го заврши со 17 поени, осум асистенции, шест скока и две украдени топки.

Сепак, статистиката остана во сенка на еден негов потег од првата четвртина, кој уште еднаш покажа зошто Јокиќ е еден од најдобрите организатори на играта во светот. Во брзата транзиција, Џамал Мареј му ја испрати топката на Јокиќ, кој беше во полн трк. Српскиот ас успеа да ја исконтролира топката, а потоа без двоумење изведе мајсторско додавање зад грб, целосно изненадувајќи ја одбраната на Лејкерс. Топката заврши директно кај Тревон Брејзил, кому му остана само да ја заврши акцијата со атрактивно забивање.

Потегот веднаш привлече огромно внимание на социјалните мрежи, а се огласи и официјалниот профил на НБА-лигата, споделувајќи го додавањето на српскиот кошаркар.

Покрај Јокиќ, во победничкиот тим се истакна Џамал Мареј со 21 поен и шест асистенции. Кај Лејкерс, Остин Ривс беше најефикасен со 19 поени, додека Лука Дончиќ за 19 минути на паркетот постигна 15 поени, со четири скока и две асистенции.

Денвер со овој триумф го заврши подготвителниот период и сега се насочува кон почетокот на новата НБА-сезона. А ако Јокиќ продолжи да дели вакви топки, љубителите на кошарката ги очекуваат уште многу спектакуларни моменти.