Нема милост за Винисиус од Ла Лига

Казната од четири натпревари суспензија за Винисиус Жуниор останува на сила, откако Апелациската комисија на Кралската шпанска фудбалска федерација ја одби жалбата на Реал Мадрид. Мадридскиот клуб, сепак, не се откажува и најавува дека ќе продолжи да ја оспорува одлуката пред повисока спортска инстанца.

Бразилскиот напаѓач ја доби казната по директниот црвен картон на натпреварот против Виљареал. Причина за исклучувањето беше инцидентот во кој Винисиус го повлече за косата Нејтан Салиба, по што следуваа и остри реакции кон главниот судија.

Реал Мадрид во жалбата побара намалување на суспензијата, оспорувајќи ги и казната за самиот инцидент и дополнителните два натпревари поради протестите кон судијата Дијас де Мера. Клубот сметаше дека дел од санкцијата е престрог и дека однесувањето на фудбалерот можело да биде третирано поблаго. Апелациската комисија, сепак, не ги прифати аргументите на „кралевите“. Според образложението, не постоела очигледна фактичка грешка при одлуката за исклучување, а околноста што судијата не можел дословно да ги повтори сите изговорени зборови не значи дека не можел да го процени однесувањето на фудбалерот.

„Кралевите“ сега ќе се обратат до Спортскиот административен трибунал, надевајќи се дека таму ќе успеат да ја променат одлуката.

Во меѓувреме, доколку суспензијата остане непроменета, Винисиус ќе ги пропушти следните четири првенствени натпревари на Реал против Севилја, Барселона, Сантандер и Валенсија. Неговото враќање во составот за првенствените обврски се очекува за дуелот со Селта, закажан за 22 ноември што значи дека паузата ќе му трае повеќе од еден месец.

За Реал ова е сериозен удар, особено поради значењето на Винисиус во офанзивната игра на тимот и фактот што меѓу натпреварите што ќе ги пропушти е и големото дерби против Барселона.