Дали ова е иднината на фудбалот? Вакви картони досега немавме видено!

Технологијата во последните години бележи неверојатен развој и носи големи промени во сите сфери на животот, а ништо поинаку не е ниту во спортот.

Фудбалот во последните години сè повеќе се потпира на технологијата, а сцените од синоќешниот натпревар во Купот на Уругвај донесоа досега невидени моменти на фудбалските терени. Станува збор за новитет кој во иднина би можел да стане сосема нормална појава.

На стадионот „Гран Парке Сентрал“ во Монтевидео се сретнаа Насионал и Рентистас, а домаќините славеа со 3-0. Сепак, по натпреварот најмногу се зборува за потегот на главниот судија.

Имено, арбитарот на овој натпревар не ги користеше стандардните жолти и црвени картони за да ги санкционира фудбалерите. Наместо нив, тој користеше дигитален уред.

Кога сакаше да му покаже жолт или црвен картон на некој од играчите, судијата од џебот вадеше уред сличен на мобилен телефон, на чиј екран ја вклучуваше соодветната боја.

Интересно е што на овој натпревар беа покажани и жолти и црвени картони, односно дигитални санкции. Во 90. минута беше исклучен домашниот фудбалер Науел Гелос.

Дали ваквиот начин на покажување картони во наредните месеци или години ќе пристигне и на фудбалските терени во Европа, останува да видиме.