„Реал води нацистичка кампања“, твитна Тебас и отвори нов фронт со мадридскиот клуб

Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас повторно влезе во отворен конфликт со Реал Мадрид, откако преку објава на социјалната мрежа Икс остро ја нападна комуникациската стратегија на клубот и неговата телевизија, споредувајќи ги нивните методи со пропагандата на нацистичка Германија.

Тебас ја обвини управата на „кралскиот клуб“ дека преку медиумите и своите портпароли создава слика во која Реал постојано е претставен како жртва на судиските одлуки и на раководството на шпанското првенство.

„Раководството на Реал Мадрид диригира со оркестар од портпароли, а Реал Мадрид ТВ ја има главната улога. Нивната партитура е секогаш иста: избирање на ситуациите што им одговараат, повторување на неправдата, поттикнување сомнежи и посочување непријатели“, порача Тебас.

 

 

Најголемата бура ја предизвика неговата споредба со методите на Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда во нацистичка Германија.

Според Тебас, станува збор за систематско повторување на одредени пораки, создавање непријател и потчинување на фактите на однапред изградена приказна. Претседателот на Ла Лига смета дека Реал Мадрид преку својата телевизија постојано ги истакнува спорните судиски одлуки што му одат на штета, додека поширокиот контекст и ситуациите што му одговараат на клубот остануваат во втор план.

Тебас особено реагираше на критиките од Реал Мадрид поврзани со судењето и распоредот на натпреварите. Мадридскиот клуб се жалеше на казната од четири натпревари за Винисиус Жуниор, како и на терминот на претстојниот дуел со Валенсија, закажан кратко по гостувањето кај АЕК во Атина во рамките на европските натпреварувања. Претседателот на Ла Лига побара Реал да ги објави сите свои барања за промени на термините на натпреварите, заедно со одговорите што ги добил од раководството на натпреварувањето. Според него, клубот ги истакнува одбиените барања, но не ги споменува случаите во кои му било излезено во пресрет.

Сепак, Тебас нагласи дека неговата споредба се однесува на комуникациските методи, а не на идеологијата или на навивачите на Реал Мадрид.

 

 

Реакцијата од Мадрид не изостана. Реал објави соопштение во кое побара итна оставка од Хавиер Тебас, оценувајќи дека неговите изјави се навредливи и недостојни за човек кој ја предводи организацијата што треба да ги претставува сите клубови во шпанското првенство.

Од Реал сметаат дека ова е уште еден доказ за непријателскиот однос на Тебас кон клубот и неговото раководство, а воедно повторно ги отворија прашањата за судискиот систем во Шпанија.

Конфликтот меѓу двете страни трае подолго време, но најновата размена на остри пораки го подигна на уште повисоко ниво. Наместо расправиите да се водат исклучиво околу теренот, судиите и распоредот, сега во центарот на вниманието се најдоа и тешки обвинувања за медиумска манипулација и пропаганда.