Елмас: Мојот брз гол ни го отвори патот кон победата - рано е да сонуваме триумф во КЛ!

Елиф Елмас изрази задоволство по сигурната победа на неговиот тим над кипарскиот состав Пафос (3-1), но остана цврсто на земја кога станува збор за амбициите за освојување на трофејот во Конференциската лига.

Во изјава дадена за италијански „Скај Спорт“, македонскиот репрезентативецго анализираше триумфот кој беше трасиран со негов погодок уште во 45 секунда од средбата. Скопјанецот истакна дека брзото отворање на резултатот било клучниот момент за конечниот успех против незгодниот противник. Тој се осврна и на шансите на Аталанта за кревање на европскиот пехар, спуштајќи ја топката со барање за фокус исклучиво на следниот предизвик.

„Кога ќе постигнете гол толку брзо, знаете дека потоа сè ќе биде многу полесно. Имавме почит кон Пафос бидејќи тие се голема екипа, знаевме дека минатата година играа во Лигата на шампионите. Многу ми е жал што Распадори се повреди, не знам што да кажам за тоа. И двајцата постигнавме голови и среќни сме. Освојување на Конференциската лига? Треба да видиме, се игра секоја недела и не е лесно, но мораме да размислуваме натпревар по натпревар. Тоа е нашата цел, но ќе одиме полека“, изјави Елмас.

Аталанта со ова врза две победи во низа, со што делумно го анулира лошиот впечаток од трите порази по ред во средбите од Серија А. Македонецот на синоќешната средба во Бергамо ги одигра сите 90 минути, во кои имаше два шута кон противничкиот гол и дури 92-отсто прецизни додавања.