Баерн Минхен без Ноер и без страв од вештачката трева по бодови во Норвешка!

Тренерот на Баерн Минхен, Вeнсан Компани, потврди дека првиот голман Мануел Ноер нема да настапи на вечерашното гостување против норвешкиот претставник Викинг во рамките на Лигата на шампионите.

Баварците, кои ја отворија европската кампања со убедлив триумф над Бодо/Глимт (5-0), ќе мора да се потпрат на својот резервен чувар на мрежата во овој важен натпревар. Отсуството на 40-годишниот ветеран доаѓа само три дена откако направи две груби грешки во ремито против Аугсбург (2-2) во Бундеслигата. Стратегот на германскиот гигант, сепак, потенцираше дека одлуката Ноер да остане надвор од тимот е исклучиво превентивна мерка поради полесен проблем со ногата. На негово место, меѓу стативите ќе застане младиот Јонас Урбиг, за кого ова ќе биде трет настап како првотимец сезонава.

„Мануел не може да тренира денеска. Почувствува нешто во ногата. Тоа брзо одговара на прашањето кој ќе биде на голот. Разбравме по мечот со Аугсбург дека чувствува непријатност. Никогаш не знаете колку време ќе биде потребно, но со оглед на тоа што не можеше да тренира во последните два дена, нема смисла да преземаме непотребни ризици. Не сакам да го наречам повреда, но кога чувствувате нешто и состојбата не се подобрува. Во одреден момент сфаќате дека нешто мора да се преземе, а ние ќе го сториме тоа без да преземаме ризик ако тој не се чувствува 100 отсто подготвен“, изјави Компани.

Дваесет и тригодишниот Урбиг, кој минатата година пристигна во Минхен од редовите на Келн, се смета за легитимен наследник на Ноер, особено по неговиот неодамнешен одличен настап и дебито за националниот тим на Германија.

„Ја почнавме работата со Јонас уште кога пристигна од Келн. Се движиме според планот. Ги добива минутите кои сакавме да му ги дадеме за неговиот развој. А секоја минута е корисна за неговото растење“, дополни белгискиот стручњак.

Покрај промената на голманската позиција и отсуството на повредениот Џамал Мусиала, дополнителен предизвик за Баерн претставува и играњето на вештачка трева во Ставангер. Сепак, Компани не гледа простор за изговори во подлогата.

„Како тренер пристапувам кон подготовките на вообичаениот начин. Интересно е што како фудбалер требаше да го одиграм еден од моите последни натпревари на вештачка трева, но тогаш дојде ковидот и влеговме во карантин на три или четири месеци. Потоа ја завршив кариерата, така што за цело време како играч никогаш не стапнав на вештачки терен. Сосема е разбирливо што оваа тема се покренува, но за нас тоа не е ништо невообичаено. Да бев на местото на противникот, ќе бев среќен што сите зборуваат само за вештачката трева. Но, ние нема да им ја направиме таа услуга. Една од причините што долетавме овде беше токму можноста однапред да поиграме на овој терен. Утре тоа нема да биде проблем“, заклучи стратегот на Баерн.