ФФМ не е политичко тело и нема да дозволи фудбалот да биде вовлечен во партиски пресметки!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) реагираше по денешната политичка прес-конференција, испраќајќи јасна порака дека „куќата на фудбалот“ нема да биде арена за собирање на ситни партиски поени.

Од федерацијата децидно порачуваат дека ФФМ не е политичко тело и не смее да биде вовлечена во политичкото милје, додавајќи дека денешното обраќање го гледаат исклучиво како обид за лична и партиска промоција на говорникот.

„Ако целта на денешната политичка прес-конференција беше јавноста подобро да го запознае говорникот, тоа можеше да се направи и без ФФМ да биде повод за лична или партиска промоција. Фудбалската федерација на Македонија не е политичко тело и ФФМ нема да биде дел од политичкото милје, ниту ќе дозволи фудбалот да биде вовлечен во партиски пресметки. Немаме намера да влегуваме во полемика со која било политичка партија и го почитуваме правото на секого да го искаже својот став. Во моментов, ФФМ има многу поважни приоритети и нема да ја спушти комуникацијата на ниво на чаршиски муабети. Не секоја прес-конференција заслужува одговор.“, стои во реакцијата на ФФМ.