Дрес на Џордан од „Последниот танц“ продаден за астрономски 12,3 милиони долари!

Дресот на легендарниот кошаркар Мајкл Џордан од неговата последна сезона наречена „Последниот танц“ е продаден на аукција за 12,3 милиони долари - апсолутен рекорд за предмет од личната колекција на сувенири на еден од најдобрите спортисти на сите времиња.

Станува збор за оригиналниот дрес кој најдобриот на сите времиња го носеше на третиот натпревар од финалето на НБА лигата во 1998 година, во неговата проштална сезона во дресот на Чикаго Булс. Џордан ги предводеше „биковите“ до триумф над Јута Џез со 4-2 во победи, освојувајќи ја својата шеста и последна шампионска титула во кариерата. Како потврда за неговата апсолутна доминација, во сите шест финални серии тој беше прогласен за најкорисен играч (МВП). Претходниот рекорд за спортски сувенир поврзан со Џордан изнесуваше 10,1 милиони долари, сума која своевремено беше платена за неговиот дрес од првиот натпревар од истото финале во 1998 година.

Овој историски предмет на продажба го понуди претприемачот Рајан Гоу, а трансакцијата беше реализирана преку дигиталната аукциска куќа „Џупитер“, чиј сопственик е познатиот музичар Фарел Вилијамс. Пред почетокот на наддавањето, вредноста на дресот беше проценета помеѓу 10 и 15 милиони долари. Покрај дресот, на истата аукција беше продаден и автомобилот Ферари 550 Маранело од 1997 година во сопственост на Џордан, кој достигна цена од 2,7 милиони долари, што е четири пати повеќе од претходниот аукциски рекорд за тој конкретен модел на возило.

„Мал е бројот на предмети во историјата на спортот кои така целосно ја симболизираат големината како дресот на Мајкл Џордан од третиот натпревар од финалето на НБА лигата во 1998 година. Носен за време на ерата 'Последниот танц', овој дрес претставува врв на една епоха која ја претвори кошарката во глобален културен феномен. Денес се вбројува меѓу најзначајните спортски предмети кои спортистите ги носеле за време на натпреварите, а кои некогаш биле понудени на пазарот“, се истакнува во официјалното соопштение на аукциската куќа „Џупитер“.

И покрај огромната сума издвоена за дресот на Џордан, апсолутниот рекорд за спортски предмет носен на официјален натпревар и натаму го држи дресот на бејзбол легендата Бејб Рут. Неговиот дрес, кој го носел за време на Светската серија во 1932 година кога според урбаната легенда го најавил правецот во кој ќе ја испрати топката, минатата 2024 година беше продаден за неверојатни 24,1 милиони долари.