Нова афера го тресе турскиот фудбал, суспендирани се 448 клупски функционери!

Турскиот фудбал го погоди нов голем скандал. Турската фудбалска федерација привремено суспендираше дури 448 актуелни и поранешни клупски функционери во рамките на голема истрага за обложување.

Меѓу суспендираните се претседателот на Трабзонспор, Ертугрул Доган и потпретседателот на Бешикташ, Хакан Далтабан.

Суспендирани се функционери на клубови од двете највисоки нивоа на турскиот фудбал, а ТФФ утврди дека тие во последните пет години се обложувале додека извршувале функции во клубовите. Сите 448 случаи се проследени до Дисциплинската комисија на Федерацијата.

Според пишувањата на турските медиуми, околу 171 лице од списокот се поврзани со клубови од елитната Суперлига. Меѓу најпознатите е Доган, претседателот на Трабзонспор, кој потврди дека претходно имал профил на обложувалница и наведе дека таа информација ја пријавил кај надлежните органи.

„Ако сме направиле грешка, се извинуваме, но не сме направиле ништо лошо“, изјави Доган.

Новата одлука е продолжение на големата истрага која веќе подолго време го тресе турскиот фудбал. Во претходните фази од постапката, ТФФ суспендираше околу 149 судии и 1.024 фудбалери поради прекршоци поврзани со обложување.

Неколку играчи од највисокото ниво, како и високи клупски функционери, завршија и во притвор во рамките на истрагите за нелегално обложување и местење натпревари.