Седлоски: Не сум задоволен од некои фудбалери, во иднина ќе играат тие што заслужуваат!

Македонската фудбалска репрезентација денеска имаше бледо издание против Швајцарија и загуби со 0-3 во првиот меч од Б-сегментот во Лигата на нации.

Селекторот Гоце Седлоски ѝ честиташе на Швајцарија за триумфот, а притоа посочи дека мора да научат да ги поправат грешките од оваа средба, но испрати и порака до дел од фудбалерите.

„Сакам да ѝ честитам на Швајцарија, тие се една светска сила. Ние треба многу да учиме и да работиме, Швајцарија е Швајцарија. Ние сакаме нешто да подмладиме со репрезентација и полека, полека тоа го правиме. Игравме со репрезентација кој има квалитетен играч на секоја позиција, посилна репрезентација досега не гостувала во Скопје. Беа предоминантни на секој дел од теренот, но ние не смееме да примаме голови по наши грешки, тие се велесила, но ние мора да покажеме и карактер, тоа секогаш го барам од фудбалерите. Кај некои играчи денеска тоа не го видов и во иднина ќе играат фудбалери кои играат во клубовите. Разговарав со фудбалерите и тој што ќе заслужува во иднина ќе биде на теренот, денеска од одредени фудбалери не бев задоволен од тоа што го покажаа. Во ваков натпревар се гледа каков карактер си, никогаш не треба да се плашиш и тоа го барам од нив. На тренинзите сите беа одлични, но вечерва имаше и такви кои потфрлија“, кажа Седлоски.

Македонија следниот меч го игра на гостински терен против Словенија на 29 септември од 20.45 часот.