Седлоски: Со поддршка од трибините ќе сториме сѐ да ја изненадиме Швајцарија!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, изрази големо задоволство од подготовките и најави максимална борбеност пред утрешниот натпревар против Швајцарија (20.45 часот), со кој се отвора новиот циклус во Лигата на нации.

Предводникот на националниот тим истакна дека изминатите четири тренинзи поминале точно според планираното и потенцираше дека фокусот на тимот е насочен исклучиво кон сопствената игра, и покрај реномето на противникот.

„Презадоволен сум од сите во тимот. Верувам дека за утре сите ќе бидеме подготвени. Швајцарија е силна, но одиме како и на секој натпревар до сега. Нас не нè интересира во каков состав ќе дојдат, тие секако имаат многу квалитет, но ние треба да се гледаме самите себе и да веруваме дека ќе одиграме еден добар натпревар“, изјави Седлоски.

Околу стартните единаесетмина, селекторот најави дека конечната одлука ќе ја донесе по вечерашниот тренинг, но гарантира дека секој што ќе истрча на теренот ќе го даде максимумот. Единствениот проблем во пресрет на премиерниот дуел е повредата на играчот од средниот ред, Бобан Николов, кој дефинитивно отпаѓа од комбинација за утрешниот меч, додека останатите репрезентативци се целосно подготвени.

Седлоски испрати и директен повик до навивачите да ги исполнат трибините, потенцирајќи ја нивната важност во ваквите тешки натпревари.

„Ја повикувам публиката да дојде во што поголем број и да ја даде својата поддршка. Тие ќе бидат наш играч плус, а фудбалерите ќе ја оправдаат довербата. Селекторот на Швајцарија кажа дека одат на првото место, но и јас зборев пред Данска дека ќе успееме, па не успеавме. Ние ќе се обидеме да одговориме на терен“, порача македонскиот стратег.

На крајот, тој ги потврди и долгорочните амбиции на репрезентацијата, нагласувајќи дека крајната цел на овој циклус е пласман на Европското првенство, но дека тимот ќе оди чекор по чекор, од натпревар во натпревар, со цел да се освојат што е можно повеќе бодови.