Проблеми во АБА - одложено првото коло во двете конкуренции

Новата сезона во АБА лигата нема да започне според планираното. Првото коло регионалното натпреварување е официјално одложено, а истото важи и за првата недела од АБА 2 лигата.

Одлуката е донесена по состанокот на членовите на АБА лигата, на кој 11 гласа биле „за“, додека еден член бил воздржан и не присуствувал на состанокот.

Проблемот е поврзан со спорот меѓу раководството на АБА и кошаркарските судии околу нивните ангажмани и надоместоци. Поради ситуацијата не можело навреме да се обезбеди делегирање на судии за натпреварите од првото коло. Сезоната требаше да почне утре, на 25 септември, со натпреварот меѓу Будуќност и Цибона во Подгорица. Хрватскиот клуб веќе потврди дека нема да патува во Црна Гора, а сега е јасно дека нема да се одигра ниту еден од предвидените натпревари од првото коло.

Од АБА лигата најавија дека јавноста дополнително ќе биде информирана за следните чекори и за новите термини.

Ова значи дека на стартот на регионалното натпреварување ќе почекаат и македонските суперлигаши МЗТ Скопје и ТФТ кои учествуваат во АБА 2 лигата. МЗТ Скопје требаше идната недела да игра против Слобода Ужице, а ТФТ на 14 октомври против Слобода Тузла.