Скандал во Хрватска: Српски фудбалер уапсен среде натпревар поради величење на Ратко Младиќ!
Станува збор за играчот со иницијали Б.Ј. од Сомбор, кој го носел дресот на нисколигашот Јован Лазиќ од Болман, а зад решетки заврши поради величање на воениот злосторник Ратко Младиќ преку објава на социјалните мрежи. Ваквиот потег на фудбалерот резултираше со драконски санкции од страна на хрватските правосудни органи.
Филмската сцена се одиграла пред четири дена за време на пресметката против екипата на ХНК Биље. Фудбалерот влегол во игра во 28. минута од натпреварот, но неговиот настап траел исклучително кратко бидејќи полициските службеници влегле директно на теренот. Пред очите на шокираната публика и неверувањето на неговите соиграчи, тој бил лишен од слобода. Целиот проблем настанал откако фудбалерот на 4 септември на својот Фејсбук профил споделил фотографија од поранешниот генерал.
Она што го прави случајот уште поконтроверзен е фактот што тој претходно веќе бил предупреден од хрватските власти. Имено, на 13 септември му бил изречен еднодневен налог за забрана за влез во Хрватска, при што добил јасна опомена да внимава на своите јавни објави. Игнорирајќи ги предупредувањата, тој една недела подоцна преку Унгарија ја минал границата со цел да настапи на спорниот натпревар. Веќе следниот ден по спектакуларното апсење, Општинскиот суд во Осиек експресно го прогласи за виновен за нарушување на јавниот ред и мир.
Како главен доказ во брзата судска постапка послужила токму спорната фотографија од социјалните мрежи. Судот му изрече парична казна во висина од 1.500 евра, но дополнително го санкционираше и со тримесечна забрана за влез на територијата на целата Европска Унија.