Tренер нокаутирал фудбалер во Холандија, му скршил седум заби! (ФОТО)

Натпреварот од третата холандска лига меѓу клубовите Ијселмервогелс и ГВВВ беше прекинат минатата сабота по тежок инцидент на полувремето. 

Помошник-тренерот на гостинскиот тим нокаутирал домашен играч и му скршил дури седум заби. Поради инцидентот интервенирала и полицијата, пишуваат холандските медиуми.

До конфликтот дошло во ходникот на спортскиот парк „Де Вестмат“ во Спакенбург. Портпаролот на домашниот клуб изјавил дека нивниот играч Квирмо Думај бил нападнат додека одел кон соблекувалната. Според наводите на клубот, го удрил еден од тренерите на ГВВВ.

Од силината на ударот во лицето, Думај паднал во несвест, изгубил седум заби и обилно крварел. Од клубот потврдиле дека итно бил пренесен во болница, каде што бил опериран.

На својот тренер Вилем Лојсхајс му кажал дека го удрил Џон ван Бојкеринг, помошник-тренерот на гостинскиот тим. По инцидентот, тимот на ГВВВ го отпуштил Ван Бојкеринг и неговиот брат Денис кој бил главен тренер.