Историја во Ла Лига: Ветеранот Обамејанг израмни луд рекорд на Ибрахимовиќ!

Габонскиот напаѓач Пјер-Емерик Обамејанг продолжува да ги воодушевува љубителите на фудбалот, откако на 37-годишна возраст постави извонреден рекорд во дресот на Депортиво.

Ветеранот во ремито против екипата на Хетафе го постигна својот петти погодок во исто толку одиграни натпревари од почетокот на сезоната во шпанската Примера, докажувајќи дека и во доцната фаза од кариерата игра во врвна форма. Со овој подвиг, Обамејанг стана дури 11-тиот фудбалер во историјата на натпреварувањето кој успеал да ја затресе противничката мрежа на сите пет воведни натпревари од шампионатот.

Ваква импресивна голгетерска низа на стартот од сезоната во Шпанија не е видена уште од 2009 година, кога овој успех го оствари Златан Ибрахимовиќ во дресот на Барселона. Пред нив, ова им пошло од рака само на легендарни имиња како Виланова, Пруден, Кампанал, Пушкаш, Амансио, Квини, Пандијани, како и Пахињо кој ова го остварил во два наврати.

Она што дава дополнителна тежина на овој рекорд е фактот што ваков старт на сезоната никогаш немале ниту двајцата доминантни фудбалери на денешницата, Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Статистиката покажува дека Меси во својата кариера не успеал да постигне гол ниту на првите четири последователни натпревари од една сезона во Ла Лига.