Кошмар во Мадрид: Хамилтон се заби во ѕид (ВИДЕО)
Хамилтон во тој момент беше на брз круг и се чинеше дека ќе забележи многу добро време, но во последниот сектор загуби контрола и заврши во ѕидот. При ударот сериозно беше оштетено предното крило на неговиот Ферари.
Седумкратниот светски шампион сепак успеа да се извлече од бариерата и се обиде со оштетениот болид да се врати кон боксот. Неговиот тркачки инженер неколкупати му порача да го запре болидот, но Хамилтон продолжи да вози. На крајот мораше да застане на патеката поради проблем со гумата, по што беа истакнати црвените знамиња. Инцидентот дополнително ја нагласи репутацијата на Мадринг како една од најпредизвикувачките нови патеки во Формула 1. Трасата е долга 5,4 километри, има 22 свиоци, а на повеќе делови ѕидовите се исклучително блиску до идеалната линија.
Хамилтон и неговите колеги веќе зборуваа за тежината на новата патека. Британецот претходно ја спореди комплексноста на Мадринг со патеката во Џеда, оценувајќи дека е потребно многу време за возачот целосно да го пронајде вистинското темпо и линија. Колку е незгодна патеката покажува и фактот што уште во тестирањата со болиди од Формула 3 имало 19 црвени знамиња, додека во текот на викендот веќе имаше неколку инциденти и во пониските категории.
За Хамилтон, ударот доаѓа по релативно добар петок. Во втората слободна тренинг-сесија тој беше трет најбрз, веднаш зад тимскиот колега Шарл Леклер и лидерот Кими Антонели.