Историја: Рибакина со голем пресврт до полуфинале во Њујорк и – првото место во светот!
Таа со овој четвртфинален триумф оствари уште еден успех, бидејќи од следниот понеделник за првпат во својата кариера ќе го преземе првото место на ВТА листата, наследувајќи ја Арина Сабаленка. До официјалното крунисување на тенискиот врв, таа ја продолжува битката во Њујорк за освојување на својата трета гренслем-титула.
Натпреварот започна со подобра игра на кинеската тенисерка, која во првиот сет направи клучен брејк за водство од 5-3. Во маратонскиот деветти гем, кој траеше околу 15 минути, Џенг спаси дури пет брејк-топки пред да ја искористи својата четврта сет-топка за освојување на сетот. Сепак, сликата на теренот целосно се промени во вториот дел од играта. Процентот на успешност на првиот сервис на Џенг падна на само 35-отсто, што Рибакина максимално го искористи, правејќи два брејка за експресни 6-1 и израмнување на резултатот во сетови.
Најголемата драма се одвиваше во завршницата на решавачкиот трет сет. При резултат 4-3, Џенг не искористи брејк-топка откако Рибакина одлично реагираше со вториот сервис и излезе на мрежа, по што Кинезинката направи неизнудена грешка. Во следниот гем, казахстанската тенисерка стигна до три врзани брејк-топки. Иако Џенг успеа да ги спаси првите три со храбра игра, на четвртата направи двојна сервис-грешка, препуштајќи ѝ ја предноста на противничката. Рибакина сигурно го одработи својот последен сервис-гем за конечна победа.
За пласман во големото финале, таа ќе игра против победничката од четвртфиналниот дуел помеѓу Коко Гоф и Мира Андреева.
ФОТО: Х / @carovana12