Останавме без чудо во Софија: Одбојкарите поразени од Бугарија на стартот од ЕП (ФОТО)

Македонската одбојкарска репрезентација претрпе очекуван пораз од фаворизираниот состав на Бугарија (17-25, 19-25, 18-25) на отворањето од Европското првенство (ЕП).

Натпреварот се одигра пред полни трибини во „Арена Софија“, каде што еден од кодомаќините на континенталниот собир ја оправда фаворитската улога и не му дозволи на македонскиот состав резултатски да се доближи во ниту еден од трите одиграни сета. Бугарските одбојкари во целост ја демонстрираа својата моќ и сериозните амбиции за висок пласман на овој турнир, потврдувајќи ги најавите дека располагаат со една од најдобрите генерации во нивната одбојкарска историја.

Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски не успеаја да наметнат свој ритам против расположениот противник, па сега фокусот ќе мора да го насочат кон преостанатите средби од групната фаза каде што ќе ја бараат шансата за пласман во следната рунда. Следен предизвик за македонскиот национален тим ќе биде пресметката против селекцијата на Украина. Овој натпревар е закажан за 11 септември, каде што „црвено-жолтите“ ќе се обидат да го поправат впечатокот и да ги впишат првите бодови на ЕП.