Бадијала се „пенават“ од Реал: Пеналот на Мбапе не требаше да биде повторен

Спорната ситуација од финишот на дуелот меѓу Бетис и Реал Мадрид предизвика бројни реакции, особено по промашниот пенал на Килијан Мбапе. Иако на прв поглед изгледаше дека Марк Бартра влегол во шеснаесетникот пред изведувањето, правилата покажуваат дека неговата интервенција била регуларна.

Во 93. минута, Мбапе шутираше од белата точка, но голманот на Бетис, Алваро Ваљес, го прочита ударот и го одбрани пеналот. Бартра веднаш потоа спречи Мбапе да стигне до одбиената топка, по што започна дилемата дали дефанзивецот прерано влегол во казнетиот простор.

ВАР повеќе од три минути ја проверуваше ситуацијата, но одлуката остана – пеналот нема да се повтори. Причината се крие во прецизното толкување на правилото за таканаречениот „енкроучмент“, односно прерано влегување во шеснаесетникот.

Според појаснувањето на Комитетот за технички судии, играч се смета дека влегол во казнетиот простор само доколку во моментот на ударот едната или двете стапала му се наоѓаат во шеснаесетникот или на линијата. Позицијата на останатиот дел од телото, односно неговата „проекција“ над тревата, не се зема предвид. Токму тоа се случило со Бартра. Во моментот кога Мбапе ја удрил топката, едното стапало на дефанзивецот било на самиот раб, додека другото сè уште било во воздух. Иако неговото тело визуелно било над шеснаесетникот, немал стапало на тревата во казнетиот простор, па според актуелното толкување немало прекршок.

Интересно е што Бартра по натпреварот откри дека бил запознаен со ова правило. Тој претходно се консултирал со поранешен судија и знаел дека доколку стапалото му остане во воздух, нема да има прекршок.

Така, и покрај големата полемика, ВАР ја потврди исправноста на одлуката, а им ги затна устите на сите во и околу Реал кои сметаа дека нивниот тим бил оштетен. Особено беше гласна клупската телевизија која уште во четвртото коло од Ла Лига почна со навреди и теории на заговор дека Барселона повторно се турка да биде шампион на Шпанија.