Положани: Тоа што требаше да ни се случи со Силекс, ни се случи со Тиквеш!
Тренерот на Шкендија, Артим Положани, по натпреварот призна дека неговиот тим не одиграл на потребното ниво и смета дека Тиквеш заслужено ги освоил трите бода.
„Не е дека е лош ден, но јас ова го најавив уште на натпреварот со Силекс. Она што практично требаше да ни се случи со Силекс, ни се случи денес. Не може екипа која претендира да биде шампион да прави толку грешки во додавањата и да ги губи сите тие дуели“, изјави Положани.
Тој ја презеде и одговорноста за резултатот, нагласувајќи дека стручниот штаб бил свесен за начинот на кој Тиквеш ќе се обиде да го загрози противникот.
„Одговорноста секако е на стручниот штаб. Знаевме дека Тиквеш ќе игра со позитивни транзиции. Со грешки без крај, без маневар и со загубени дуели, мислам дека целосно заслуживме да бидеме казнети денес. Со сите тие грешки и загубени дуели, верувам дека го заслуживме поразот и резултатот е реален“, додаде тренерот на Шкендија.
Положани не го гледа поразот како позитивен момент, особено по одличниот старт на сезоната и серијата од пет последователни победи.
„Не мислам дека е позитивно, бидејќи имавме серија од победи, а тој победнички менталитет за кој неколкупати зборував требаше да продолжи и денес. За жал, загубивме“, рече тој.
И покрај поразот, Шкендија останува сигурен лидер на табелата со тоа што Струга може да се доближи на само два бода негатива ако го победи Силекс.