Бизарно: МЗТ Скопје, ТФТ или Маџари ќе играат меч од АБА2 во - Монте Карло!?

Кошаркарскиот клуб Монако изразил официјална желба да се приклучи кон регионалната АБА лига, но нивното барање нема да може да се реализира за претстојната сезона поради веќе утврдениот систем на натпреварување.

Оваа информација ја откри претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ, за време на прес-конференцијата во Љубљана. Тој појасни дека барањето на клубот пристигнало откако форматот и календарот за новата сезона веќе биле затворени. Како компромисно решение, Мијаиловиќ најави дека на следното Собрание на АБА лигата ќе предложи тимот најпрво да одигра една сезона во вториот по ранг регионален натпреварувачки циклус.

„Ќе го разгледаме нивното барање на Собранието, а мојот предлог ќе биде да поминат еден циклус низ АБА 2 лигата, па да се приклучат во елитата следната година, доколку тоа им е прифатливо. Мислиме сè најдобро за нив и ги познавам луѓето од менаџментот, направија добра работа за европската кошарка“, изјави Мијаиловиќ.

Ова значи огромна шанса за македонските претставници МЗТ Скопје, ТФТ и Маџари да се најдат во ситуација да играат против гигант кој до минатата сезона беше дел од европскиот крем. Ако Монако прифати да игра во АБА2, тоа значи дека би било ставен во една од трите групи со по четири тима, што на МЗТ и Маџари им носи можност први да патуваат за Монте Карло. ТФТ е веќе во група со пет екипи, што значи дека не би можел да игра со овој противник во првата фаза, но секако му остава можност тоа да го направи во продолжението од натпреварувањето.