Почнува новата ера во ЛШ - Вардар се враќа баш за историската сезона!
Најголемото клупско натпреварување кај дамите започнува веќе утре, додека машкиот дел од елитата стартува на 9 септември, со што официјално тргнува традиционалната трка кон завршните турнири во Будимпешта и Келн. За македонската спортска јавност, оваа сезона носи посебна тежина и огромна возбуда – по неколкугодишна пауза, во најелитното европско друштво официјално се враќа Вардар. Македонската гордост и двоен европски шампион (со титулите освоени во 2017 и 2019 година) повторно зазема место меѓу великаните на Стариот континент, враќајќи ги спектаклите во Скопје.
Додека ракометарките ја играат последната сезона во препознатливиот формат од 16 екипи, машката ЛШ влегува во сосема нова ера со проширување на 24 клуба – осум повеќе во однос на досегашниот систем. Според новиот формат, натпреварите ќе се одвиваат низ шест групи со по четири екипи, а првите две екипи од секоја група патуваат директно во главната рунда.
Останатите 12 тима веднаш ја продолжуваат својата европска сезона во плејофот од ЕХФ Европската лига. По главната рунда, петтопласираните состави исто така ќе му се приклучат на топ-16 сегментот во Европската лига. И покрај зголемениот број учесници и вклучувањето на нови ракометни пазари, вкупниот број на натпревари во машката елита останува непроменет – вкупно 132 натпревари.

Актуелните европски шампиони влегуваат во сезоната со највисоки амбиции. Францускиот Мец ќе ја брани својата историска прва женска титула во група каде што се наоѓа и рекордерот Ѓер, додека Барселона на машката сцена ја започнува новата ера бркајќи го својот 13. европски пехар. Како признание за претходниот успех, ракометарите на Барса и ракометарките на Мец во текот на целата сезона на ракавите ќе го носат новововедениот златен амблем на ЕХФ.
Сите натпревари на глобално ниво ќе бидат пренесувани преку 34 телевизиски партнери и платформата ЕХФ ТВ, а пред почетокот на сезоната беа промовирани и два документарни филма посветени на ланските завршници: „Магичен момент“ за женскиот фајнал-фор и „Родени ривали“ за спектаклот во Келн.
Големата ракометна кулминација е закажана за крајот на пролетта в година – женскиот ЕХФ фајнал-фор ќе се одржи на 29 и 30 мај во „МВМ Дом“ во Будимпешта, додека новиот машки шампион на Европа ќе биде крунисан на 12 и 13 јуни 2027 година во култната „Ланксес Арена“ во Келн.