Драматични објави на екс-играч на Реал: Заробен сум, сакаат да ме убијат (ВИДЕО)

Поранешниот НБА кошаркар и член на Реал Мадрид, Кајл Синглер, повторно ја вознемири јавноста со серија објави на социјалните мрежи во кои изнесува сериозни тврдења за ситуацијата во која се наоѓа.

Синглер, кој во НБА играше за Детроит Пистонс и Оклахома Сити Тандер, во видеата тврди дека е заробен во својот дом, дека му упаѓаат во куќата, му земаат пари и дека се соочува со сериозни закани. Неговите тврдења засега немаат официјална потврда.

„Заробен сум. Се обидуваат да ме убијат“, порача Синглер во една од објавите, предизвикувајќи голема загриженост во кошаркарскиот свет.

Поранешниот кошаркар во своите видеа директно го прозва и легендарниот тренер Мајк Кшишевски, со кого во 2010 година ја освои НЦАА титулата со Дјук. Синглер тврди дека му се обратил за помош, но дека не добил одговор.

„Тренеру, каде си? Мислев дека играме за ист тим. Помогни му на човекот“, порача тој.

Синглер во својата шестгодишна НБА кариера настапуваше за Детроит и Оклахома, а потоа играше во Шпанија, каде што беше дел и од Реал Мадрид. Професионалната кариера ја заврши во 2019 година. Неговите најнови објави предизвикаа реакции и меѓу поранешните соиграчи и НБА играчи. Меѓу оние кои јавно изразија загриженост е и Кевин Лав, кој упати апел до луѓето околу Синглер да му помогнат.

Ова не е првпат Синглер да објавува вакви вознемирувачки пораки. Поради тоа, неговите најнови видеа повторно го ставија неговото име во центарот на вниманието, а кошаркарската јавност со загриженост ја следи ситуацијата.