Нејмар е првата жртва на новото правило: Го напушти теренот, а не беше виновен

Нејмар стана првиот фудбалер во бразилското првенство за кого беше применето новото правило со кое се обидуваат да се спречат одолговлекувањата на натпреварите поради укажување лекарска помош на голманите.

Фудбалерот на Сантос во победата од 3-0 против Васко да Гама мораше да го напушти теренот на една минута, иако не беше повреден, исклучен или заменет.

Необичната ситуација се случи во средината на првото полувреме на „Сао Жануарио“. Голманот на Сантос, Габриел Бразао, по еден дуел побара лекарска помош на теренот.

Според новиот пакет правила што Бразилската фудбалска конфедерација го воведе со цел да се намали одолговлекувањето, во таква ситуација еден фудбалер од тимот на голманот мора да помине една минута надвор од теренот.

Новото правило предвидува тренерот или капитенот да одреди кој играч ќе го напушти теренот на една минута, додека голманот по укажаната лекарска помош може нормално да се врати на голот. Доколку играчот не биде одреден во предвидениот рок, теренот мора да го напушти капитенот на тимот.

Носејќи ја капитенската лента на Сантос, Нејмар токму поради тоа мораше да застане покрај аут-линијата.

По истекот на едната минута, судијата Лукас Казагранде му дозволи да се врати во игра. Целта на ова правило е да се отстрани можноста тимот да добие предност со тоа што голманот би побарал лекарска помош само за да ја прекине играта, да им овозможи на соиграчите краток одмор или тренерот да им даде дополнителни инструкции.

Фото: Santos FC