КФМ организира уште едно одлично ЕП - плакета и пофални зборови од ФИБА како доказ!

Македонија уште еднаш доби високи оценки за организацијата на голем кошаркарски настан, откако викендов успешно беше заокружено Европското првенство (ЕП) за кошаркари до 16 години – Дивизија Б, кое изминатиов период се одржуваше во Скопје и Гевгелија.

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), како домаќин и организатор на шампионатот, доби специјална плакета како признание за успешната реализација на првенството, но уште позначајни беа пофалните зборови кои пристигнаа од претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса. Шпанецот за време на престојот во Македонија позитивно ја оценил организацијата и целокупната реализација на шампионатот, потенцирајќи дека македонската кошарка е на вистинскиот пат кон градење трајно пријателство со „куќата на европската кошарка“.

Според КФМ, пораката од првиот човек на ФИБА Европа претставува потврда дека Македонија сѐ повеќе се етаблира како сигурен и доверлив партнер на европската кошаркарска централа. Ваквата оценка добива дополнително значење ако се земе предвид дека Македонија во изминатиот период беше домаќин на повеќе континентални собири во младинските категории, а успешната организација на последниот шампионат треба дополнително да ја зацврсти позицијата на КФМ во односите со ФИБА Европа.

Од Федерацијата потенцираат дека организацијата на Европското првенство за кошаркари до 16 години – Дивизија Б е уште една потврда за организацискиот капацитет на македонската кошарка, но и сигнал дека земјава повторно ја гради довербата и партнерскиот однос со највисоките структури на европската кошарка.