Новак: Имам здравствени проблеми кои траат со години!

Најдобриот тенисер, Новак Ѓоковиќ, синоќа беше елиминиран на Мастерсот во Синсинати од Тијаго Аугустин Тиранте. Брзо по првиот сет Србинот почувствува здравствени проблеми поради кои тешко играше.

Особено тежок за Ѓоковиќ беше вториот сет во кој едвај стоеше, но машки го издржа мечот до крај.

„Пред се, му честитам на противникот. Искрено, ова за мене воопшто не беше пријатен меч. Така се чувствував. Не беше првпат, а претпоставувам дека нема да биде ниту последен, но што е, тука е“, рече Ѓоковиќ по мечот.

Температурата во Синсинати беше 28 степени, но влажноста на воздухот дури 80 проценти. Ѓоковиќ беше прашан дали временските прилики му создаваа проблем.

„Не, едноставно во прашање е здравствен проблем кој го имам. Ме мачи последните неколку години. Имам многу проблеми, особено кога има голема влажност на воздухот и кога е топло“.

Ѓоковиќ вели дека бил свесен дека ќе биде во неповолна позиција поради временските услови.

„Да, бев свесен за тоа. Но тука се и останатите работи, нервозата и се останато што оди со мечот. Сето тоа дополнително ја влошува ситуацијата и токму тоа и се случи“.