Тиквеш сака „три од три“ и останување на врвот - Силекс фаворит против Скопје!

По вчерашната победа на Арсими од 1-0 против Башкими, со која беше отворено третото коло во Првата лига, денеска на програмата се уште две пресметки.

Во центарот на вниманието ќе биде Тиквеш, кој фантастично ја започна новата сезона и по првите две кола е лидер со максимални шест бода и импресивна гол-разлика 10-1. Кавадарчани пред своите навивачи ја пречекуваат Шкендија Арачиново (16.30 часот) со јасна цел – трета победа во исто толку натпревари и задржување на лидерската позиција. Екипата на Оливер Богатинов во првите две кола убедливо ги совлада Арсими и Башкими, но денеска ја очекува многу посериозен тест. Шкендија Арачиново веќе покажа дека може да биде незгоден противник, откако во претходното коло му откина два бода на Силекс. Сепак, Тиквеш влегува во дуелот со голема самодоверба и доколку го повтори изданието од стартот на сезоната, има добра можност и по третото коло да остане на врвот на табелата.

Половина час порано, Силекс во Кратово ќе го пречека Скопје. Кратовци ја имаат фаворитската улога и ќе се обидат да се вратат на победничките патеки по ремито со Шкендија Арачиново. Скопје, сепак, покажа дека не смее да биде потценет. Тимот од Автокоманда во минатото коло против Струга Трим Лум покажа дека може да им создаде проблеми и на екипите кои на хартија се фаворити.

Третото коло ќе продолжи утре со уште две пресметки, Струга ќе го пречека Вардар, додека Шкендија ќе игра против Брегалница.