Спектакл за време на затемнувањето: Шпански олимпиец го изведе „скокот на животот“ (ВИДЕО)

Шпанскиот олимписки скејтбордер, Дани Леон, направи спектакуларен потег за време на синоќешното затемнување на Сонцето, а снимката од неговиот внимателно темпиран скок експресно стана хит на социјалните мрежи.

Леон го изведе трикот токму во моментот кога Месечината минуваше пред Сонцето, создавајќи неверојатна визуелна сцена во која неговата силуета се најде пред затемнетиот сончев диск. Шпанецот потоа ја објави снимката на своите профили на социјалните мрежи и целиот потфат го опиша како „потегот на мојот живот“. За да се добие совршената снимка било потребно скокот да биде прецизно синхронизиран со реткиот астрономски феномен, а конечниот резултат предизвика воодушевување кај милиони луѓе.

Видеото за кратко време стана вирално и собра повеќе од пет милиони допаѓања, а голем број корисници ја истакнаа неверојатната прецизност со која Леон го изведе трикот во вистинскиот момент. Тој е светски популарен натпреварувач во скејтбординг и сноубординг, кој настапи и на ЛОИ 2020 во Токио каде што го освои деветтото место.