Ден за дерби: Вардар ја пречекува Шкендија на Градски!

Денеска на програмата се последните два меча од второто коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), сите погледи се свртени кон големото дерби меѓу Вардар и Шкендија, вториот меч е дуелот на Скопје со Струга.

На Градски од 17 часот Вардар и Шкендија ќе го почнат првото од четирите лигашки дерби натпревари кои треба да ги одиграат оваа сезона.

Вардарци ја имаат улогата на бранители на трофејот, а Шкендија сака да се врати на тронот од каде беше симната токму од денешниот ривал.

Вардар брзо го заврши европското лето и сега комплетно е фокусиран на домашните обврски, за разлика од Шкендија која денешниот меч го игра меѓу двата натпревари против Хибернијан од квалификациите за Конференциската лига.

И Вардар и Шкендија имаа победнички старт на новата сезона, скопскиот тим славеше над Брегалница, а тетовци беа подобри од Скопје.

Намалената лига носи дури четири меѓусебни натпревари, 12 бодови се во игра, а тоа значи дека овие пресметки на крајот може да се покажат и како пресудни за конечниот исход на табелата.

Вардар ќе ја има предноста на домашен терен и поддршката од навивачите, Шкендија има одличен преоден рок и создаде тим кој има по двајца конкурентни фудбалери на секоја позиција, се очекува неизвесен меч.

Во вториот натпревар се среќаваат Скопје и Струга. Тимот од Автокоманда сака да ги освои првите бодови по враќањето во Првата лига, а стружани целат кон нов триумф по оној против Шкендија Арачиново во воведното коло.

Двата натпревари почнуваат од 17 часот.