Динамо официјално се засили со фудбалер на ПСЖ
Нсоки е роден во февруари 2007 година и најчесто игра на позицијата лево крило, иако може да покрива и други офанзивни позиции. Тој е десноног и од левата страна сака да влегува кон средината, каде што бара простор за удар или последно додавање.
Во академијата на ПСЖ пристигнал во 2020 година, а во април 2025 година потпишал стипендиски договор со францускиот клуб. Минатата сезона доби можност да тренира и да настапува со првиот тим, а за сениорскиот состав запиша два официјални настапи – еден во француското првенство и еден во Купот. Поради огромната конкуренција во офанзивниот дел од тимот на ПСЖ, Нсоки тешко можеше да дојде до поголема минутажа. Токму затоа трансферот во Динамо се гледа како можност за младиот Французин да добие поголема улога во сениорскиот фудбал и постепено да го развие својот потенцијал.
Интересно е што Динамо првично се обидел да го ангажира Нсоки со понуда од околу 700.000 евра, плус 10 проценти од идниот трансфер. ПСЖ ја одбил понудата, по што двата клуба постигнале договор Французинот да замине без обесштетување, но со поделба на евентуалниот иден трансфер во сооднос 50:50. Нсоки во Загреб пристигнува како долгорочен проект, а не како готов првотимец. Во Динамо ќе има сериозна конкуренција на крилните позиции, но клубот очигледно гледа голем потенцијал во младиот Французин и можност во иднина значително да ја зголеми неговата вредност.
Според последните информации, Нсоки потпишал договор со Динамо до летото 2031 година и ќе се приклучи на првиот тим.