Миленкоски ја собра четата во Крушево: На ЕП нема да одиме како аутсајдери!

Македонската одбојкарска репрезентација имаше собир во хотел „Монтана“ во Крушево, каде што ќе ги почне подготовките за ЕвроВолеј 2026, а селекторот Јошко Миленкоски ги кажа своите очекувања.

Селекторот посочи дека во подготовките ќе бара сериозност, дисциплинираност и најави дека ќе следи силно темпо на работа и тренинзи на одбојкарите.

„Мојата методологија на работа е добро позната за секој од вас. Барам професионален однос, сериозност и посветеност. Тука сме да направиме резултат, а тоа значи сѐ друго да биде во втор план, целиот фокус да биде на одбојката. Ќе имаме обврска да го поминеме целиот материјал повторно, за да нема никакво недоразбирање за нашиот систем, тактика и дисциплина. Сето она што го имаме како наша игра треба да го потврдиме и надоградиме. На ЕП нема да одиме како аутсајдери, имаме цел да постигнеме резултат и таргет репрезентации на кои ќе посветиме доволно внимание во текот на подготовките“, потенцираше Миленкоски при првиот поздрав на екипата и продолжи: Во Крушево ќе бидеме 11 дена, и ќе одработиме 20 тренинзи со посебно внимание на физичката подготовка и индивидуалната техника. Потоа продолжуваме со работа во Скопје. Имаме 35 дена до стартот на ЕП и ќе имаме забрзано темпо на работа, но со дозиран интензитет и верувам дека подготвени ќе го дочекаме првенството.“

Потпретседателот на федерацијата, Ивица Хаџи Иљоски и генералниот секретар Филип Деспотовски исто така ги поздравија ракометарите во Крушево.

„Добредојдовте и Ви благодарам што го прифативте повикот. Посебно задоволство ми е што екипата е во истиот состав како претходно, што Миленкоски, како наш најтрофеен стратег ќе не предводи на уште едно Европско првенство и што ја задржавме компактноста. Реални сме, не гаиме илузии и свесни сме за силината на противниците со кои ќе се соочиме на ЕП, но искрено се надевам на успех и верувам дека доколку ни се прижи шанса за пласман во втората фаза ќе ја искористиме. Екипата има искуство и добро знае што значи да се игра на ЕП и поради тоа не се сомневам дека секој од вас ќе даде максимум. Ви посакувам успешни подготовки и сите здрави да го дочекате почетокот на ЕП“, кажа Иљоски.

Македонија на 7 септември патува за Софија, а два дена подоцна ќе се соочи против Бугарија на ЕвроВолеј 2026.

Фото: Одбојкарска федерација на Македонија