Ако војната не заврши, сезоната во Формула 1 ќе финишира во Европа
Доменикали изјави дека конечната одлука ќе биде донесена до средината на септември, кога ќе биде направена нова проценка на безбедносните услови во регионот. Доколку се покаже дека трките не можат да се организираат, шампионатот би завршил на некоја европска патека.
Како најсериозен кандидат за враќање во календарот се споменува легендарната патека во Имола, која оваа сезона не е дел од шампионатот. Доменикали призна дека временските услови во декември би можеле да претставуваат предизвик, но истакна дека Формула 1 мора да биде подготвена на различни сценарија.
Тој откри и дека била разгледувана можноста за уште една трка во Лас Вегас, но таа идеја била отфрлена за да не се наруши ексклузивноста на спектаклот, како и поради судир со календарот на НФЛ.
Поради актуелната геополитичка ситуација, Формула 1 веќе направи измени во календарот за 2026 година, а Доменикали нагласи дека приоритет остануваат безбедноста и одржувањето на планираниот број трки во сезоната.